Американците на ЗОИ само во еден спорт никогаш не освоиле медал

САД е спортска велесила, една од најтрофејните земји во историјата на Олимписките игри. На Зимските игри (ЗОИ), кои во јужнокорејски Пјонгчанг почнуваат в петок со свеченото отворање, САД влегува како втора најтрофејна земја веднаш зад Норвешка, а интересно Американците само во еден спорт немаат – медал.

 

ЗОИ во Пјонгчанг се 23-ти по ред, а американските спортисти досега освоиле 282 медали и барем досега во еден се покажало дека немаат ама никаква шанса. Дали ќе го урнат проклетството ќе покажат 16-те дена во Јужна Кореја. Ако се прашувате во кој спорт американците се немоќни, одговорот е – бијатлон.

Бијатлонот е комбинација од два спорта, скијачко трчање и стрелаштво. За добар резултат потребно е неверојатна концентрација, смиреност и прецизност при стрелањето и фантастична физичка издржливост за трчањето. До сега, најуспешни во овој спорт се Германците и Скандинавците.

Инаку, првата верзија на бијатлон е видена на ЗОИ во 1924 година в Шамони, но вистинската програма во ова натпреварување е вклучена дури во 1960 година. До Албертвил во 1992 година, само мажите се натпреваруваа во овој спорт, а во последните речиси три децении и жените.

Да е уште поинтересно во целата приказна со бијатлонот, овој спорт корени има во Норвешка и се смета за еден од националните спортови. Но, Норвежаните не се најтрофејни на ЗОИ во бијатлон. Тоа се Германците со дури 45 медали, од кои 16 златни, 20 сребрени и девет бронзени. Норвешка е втора со 35 медали.

Инаку од американска перспектива, најблиску што еден американски бијатлонец бил до медал е Ловел Бејли на последните ЗОИ во Сочи каде што го освоил осмото место. Американецот одлично трчал, но поради едно промашување при стрелањето го ја загуби бронзата и сега Американците во него гледаат најголема шанса да се освои тој толку посакуван медал од единствениот зимски спорт од кој немаат ништо. Втора најголема надеж им е Сузан Данкли, која на ланското СП во бијатлон освои сребро.