Струмичани победија, но не стигнаа до 2.коло во Лигата на шампиони

Одбојкарите на Струмица славеа со 3-1 против Динамо Апелдорн во реванш натпреварот од првото квалификациско коло за пласман во Лигата на шампиони, но тоа не беше доволно за прогрес понатаму, бидејќи загубија во златниот сет. 

Нашиот тим на првиот дуел во Холандија загуби со максимални 3-0. Денеска во СЦ „Јане Сандански“, гостите го освоија првиот сет со 22-25. Струмичани ги добија следните три со 27-25, 25-23 и 25-21. 

Гостите среќно славеа во златниот сет со 15-13 и така обезбедија учество во второто коло. 

Владо Милев со 18 поени беше најефикасен во редовите на Струмица, додека Мартијн Брилхуис имаше 20 за гостите од Холандија. 

Динамо Апелдорн во следното второ коло ќе се соочи со Бенфика од Португалија.