Од мерак да ги „тепате“: Финците губат 15 меча по ред и сега ѝ дојдоа на Македонија!

Долгогодишниот сон на македонските најдобри одбојкари дојде до завршното одбројување. Македонија денеска ќе го одигра првиот свој натпревар на едно големо првенство денеска од 17.30 часот, во Љубљана. И противникот е погоден за славеничка премиера - Финска.

Македонија е еден од аутсајдерите на ова ЕП, со тој наш статус на хартија мора да се помириме уште пред да почнат натпреварите. Меѓутоа, добро е што во црвено-жолтите дресови ќе играат одбојкари кои не се грижат за тоа како стојат работите на хартија, ами за тоа колку можат да направат на терен.

А, на првиот натпревар - навистина можат. Ждрепката ни ја прати Финска за сефте, селекцијата која не котира така лошо, но изгледа ужасно ако се погледне нејзината најсвежа активност. 

Финците доаѓаат на ЕП со 15 порази едноподруго! Тоа е фрапантна серија, без разлика што вклучува натпревари и од пријателски карактер, од Златната европска лига, од олимписки квалификации итн. Да бидеме на чисто, најголем дел од тие порази на Финска се против репрезентации кои се од врвот на европската и на светската одбојка, како Аргентина, Канада, Српија, Полска... арно ама, има порази и од Естонија, од Белорусија.

И во првиот и во вториот случај заклучокот е дека станува збор за репрезентација која нема некоја натпросечна сила, но тоа смее само да ги охрабри македонските одбојкари - никако да ги опушти. Каков и да им е последниот период, Финците, сепак, се редовни учесници на Европските првенства од 2007 година наваму (тогаш четврто место) и котираат на 11. место на европската ранг-листа.

За споредба, Македонија е на 23. позиција, дури и со своите петгодишни настапи на Ф4-турнирите во Европската лига.

Потсетуваме, Финска е првиот од петте наши натпревари во групата во Љубљана. Утре играме против Турција, в сабота со Русија, недела е слободен ден, в понеделник ќе се пресметаме со Белорусија, а групата ќе ја комплетираме во вторник, против кодомаќинот, Словенија. Целта се две победи, со што би го освоиле, барем, четвртото место, кое носи во осминафинале.