Нема веќе непоразени во одбојка: Франција ја преслуша Русија

Франција ја изненади досега несовладливата Русија и ја победи со 3-1 во сетови (25-21, 20-25, 25-17, 25-20), па повеќе нема непоразен тим на машкиот одбојкарски турнир на Летните Олимписки Игри во Токио.

Русија после четири победи во низа, меѓу кои и против олимпискиот првак Бразил со убедливи 3-0, изненадувачки загуби од незгодните Французи, кои со триумфот сега се трети во групата во битката за четвртфинале на олимпискиот турнир.

Многу подобрата и поразновидна игра на „триколорите“ ѝ ја донесоа победата во која после еден освоен сет, во третиот, успеаа да ја „скршат“ Русија со серијата 5-0 и од 13-12 да дојдат до 17-12, за на крајот на направат исчекор кон победата, а во последниот четврти сет од почеток направија предност од три-четири поени, а Русите само во средина на сетот успеаа да дојдат до минус еден поен, но тоа беше сѐ што направија и Французите брзо ја вратија солидната предност за да стигнат до победата.

Италија со 3-1 го победи Иран за четвртфинале, Бразил го доби класикото со САД со 3-1, а Полска беше убедлива со 3-0 против Јапонија. Аргентина со 3-2 победи против Тунис, а Канада со 3-0 славеше над Венецуела.

Во првата група Полска има 10 бода, Италија 8, Канада 7, Јапонија 6, Иран 5, а Венецуела е без бодови.

Во втората група Русија е прва со 9 бода, Бразил има 8, Франција 7, САД 6, Аргентина 5, а Тунис 1 бод.