Миленкоски: Златната Европска лига ќе биде одличен тест пред евроквалификациите

Машката одбојкарска репрезентација во Струмица го имаше првиот собир за почеток на подготовките за настапот во Златната Европска лига, а селекторот Јошко Миленкоски е свесен за тоа што ги очекува летово.

Миленкоски посочи дека ги очекува тежок распоред, односно подготовките за Златната Европска лига која ќе биде „загревање“ за квалификациите за Европското првенство во одбојка.

„Предизвик секогаш имало и ќе има, не само кај мене, туку и кај сите играчи. Пречекот беше одличен, расположението е на високо ниво, среќни што повторно ќе работиме заедно. Нè очекува тежок распоред и едно долго лето, пред сè подготовките за Европската лига, која е подготовка за она главното - квалификациите за Европското првенство, но факт е дека во последните две години играме меѓу најдобрите европски репрезентации во Златната лига и тоа е еден голем предизвик. Добро е да се направи еден чекор повеќе, но се зависи. Годинава подготовките се скратени и не знаеме дали уште на првиот турнир во Словачка ќе бидеме на посакуваното ниво, меѓутоа ќе направиме се што можеме за да бидеме во оптимална форма. Ќе пробаме да го извадиме најдоброто од нашите одбојкари во моментов. Понатаму ќе биде многу полесно - како ќе се ближи крајот и за турнирот кој ќе го играме во Струмица со Израел и Црна Гора верувам дека ќе бидеме во потребната форма, а она што следува и она за кое сме тука, квалификациите за ЕП низ ова долго топло лето ќе биде навистина предизвик и да го дадеме најдоброто пред се против Грција. Имаме доволно време до тогаш, но се надеваме и затоа сме тука“, кажа селекторот.

Одбојкарите ќе тренираат во салата „Парк“ во Струмица една недела, а потоа ќе патуваат за Марибор каде што ќе се одигра двомеч против Хрватска на 24 и 25 мај.

Фото: Одбојкарска федерација на Македонија