
Македонските одбојкари вечерва без притисок против големиот фаворит - Полска!
Вечерва од 20 часот во салата „Борис Трајковски“ го играме третиот меч на шампионатот, на мегдан ќе излеземе против главниот фаворит во нашата група, една од најдобрите селекции во светот, репрезентацијата на Полска.
Квалитетот е на страната на Полјаците, самиот Јошко Миленковски за нив рече дека тоа се одбојкари од друга планета, а Македонија без притисок за победа ќе се обиде да се надигрува со големиот противник.
Атмосферата во нашиот табор е на највисоко ниво, репрезентацијата предводена од капитенот Никола Ѓоргиев дише како едно, тоа можевме да го видиме сите од првите два натпревари кои ги добивме.
По победите над Данска и Црна Гора ни се зголеми самодовербата, апетитите пораснаа, ќе бркаме уште некој триумф за да влеземе од подобра позиција во осминафиналето, но јасно е дека тоа нема да биде вечерва против Полска. Нашите шанси се против Чешка, а можеби и против Холандија.
Пред натпреварот меѓу Македонија и Полска, од 17 часот ќе се игра дуелот меѓу Данска и Црна Гора, двете селекции ќе се борат за првата победа на шампионатот. Засега Полска и Македонија имаат шест бода од два меча, толку има и Холандија, но од три натпревари. Чешка има три бода од три меча, а Данска и Црна Гора се без бодови.