Македонија се враќа дома, одиграа ли договорено Турција и Финска?

Македонија го заврши настапот на Европското првенство во одбојка, откако вечерва Турција дозволи да загуби од Финска со единствениот резултат кој им одговараше и на двете репрезентации - 2-3!

Финска успеа во фото-финиш да си го спаси својот настап на првенството бидејќи со победата од 3-2 дојде до ист биланс на табелата како Македонија: две победи, шест бода! Меѓутоа, следен критериум кој ги раздвојува двете репрезентации е односот на добиени и загубени сетови, а таму Финците се подобри од нас, имаат 9-12, а ние 7-11.

Изгледаше дека Турците ќе ни направат услуга и спортски ќе си победат, кога почнаа да се враќаат од првиот загубен сет (20-25) и да прават пресврт со 25-15 и 25-18. Клучен беше четвртиот сет, во кој Финците се вратија и играчки и резултатски. Силите беа изедначени длабоко во сетот, Турција последно водеше и со 22-21, но имаше 2-3 ситуации во кои се прегледуваше спорна ситуација со видео-челинџ и сите резултираа со поништен поен за Турција. Тоа како да ја сврте ситуацијата, Финска освои четири поени едноподруго и го освои сетот со 25-23.

Во петтиот сет Финска беше окуражена, играше со самодоверба, сигурно и уште рано го презеде водството, тргајќи секакви дилеми за исходот. Колку и да имаше борба во „Стожице“ не може да се заобиколи прашањето: одиграа ли со намера Турција и Финска онака како што им одговара и на двете бидејќи Турците и со овој пораз останаа трети.

Македонија се враќа дома, но никако не разочара, затоа што оствари две победи во пет меча и тоа против Белорусија и Словенија, кодомаќинот и можеби кандидат за медал на ова првенство.

 

ТАБЕЛА ГРУПА Ц

1. Русија 5-0 15

2. Словенија 3-2 9

3. Турција 3-2 9

4. Финска 2-3 6 (9-12)

5. Македонија 2-3 6 (7-11)

6. Белорусија 1-4 2