Мекгрегор се извини за хаосот во пабот: Направив голема грешка!

Поранешниот шампион во ултимејтфајт (УФЦ), Конор Мекгрегор се извини и призна дека направил голема грешка за инцидентот во еден паб во Даблин во април годинава, кога нападнал и удрил еден постар сонародник.

Мекгрегор од неразјаснети причини го нападнал човекот и го удрил во глава, па после скоро пет месеци реши јавно да се извини за глупоста што ја направи. Ирскиот чаламџија од неодамна најави дека ќе се пензионира, иако нема потврда за такво нешто, а го нема во октагонот после поразот во епската борба со Хабиб Нурмагомедов кога загуби со технички нокаут.

„Морам да преземам одговорност за тоа што се случи. Не е важно што се случи, важно е дека јас бев виновен. Тој човек заслужи да ужива во пабот и да помине убаво време, а не да заврши како што заврши. Јас се трудам да бидам подобар – подобар татко, подобар човек, да бидам пример за децата. И сфатив дека таквото однесување не е однесување за човек кој е лидер, кој е шампион. Тоа беше неприфатливо однесување и сето тоа беше погрешно. Морам да ја наведнам главата и да се извинам“, рече Мекгрегор за „ЕСПН“.