Семејна драма: Три дена пред борбата преговарав со киднапери за да го пуштат брат ми!

Еден од најдобрите боксери, Саул Канело Алварез откри како пред борба во 2018 година против Роки Филдинг имал сериозна семејна драма.

Пред натпреварот неговиот брат бил киднапиран во Мексико, а Канело направил сѐ за да го ослободат што е можно побрзо.

„Неколку дена пред борбата бев на телефон постојано. Се молев да го пуштат. Преговорите со киднаперите беа долги три дена, а откако го ослободија, мислите ми останаа таму. Да се случеше на ќерка ми, мајка ми или татко ми, ќе ми беше уште потешко“, вели боксерот.

Никој не забележал дека во животот на Канело се случува нешто чудно, иако пред борбата направил повеќе од 10 интервјуа.

„Преговорите ги почнав во понеделник, а борбата ја имав во сабота. Имав многу интервјуа и никој не знаеше за тоа“, вели Канело.

Боксерот не сакал да ја вклучи и полицијата во тоа затоа што знаел дека и службени лица се вмешани во киднапирањето.

„Би сакал брат ми и семејството да го напуштат Мексико, но имаат свој живот и не можам да ги натерам“, објаснува Канело.

Во рингот влезе против Филдинг и доминираше, па дури четири пати го испрати противникот на подот, пред да ја заврши третата рунда со нокаут.