Швајцарски атлетичар испиша историја – урна рекорд стар 35 години!

Швајцарскиот атлетичар, Симон Ехамер, продолжува да ги поместува границите, откако на престижниот митинг во Гецис испиша историја со најдобриот скок во далечина некогаш остварен во десетобој, по што потоа триумфираше во генералниот пласман.

Актуелниот светски шампион во сала и светски рекордер во седмобој блесна уште на самиот старт од натпреварувањето. По престапот во првата серија, во вториот обид долета до неверојатни 8,51 метри во скок во далечина, со што за шест сантиметри го подобри сопствениот светски рекорд во десетобој, поставен токму во Гецис во 2022 година (8,45 метри). Овој резултат му донесе 1.194 поени, но и најдобар скок во светот оваа сезона, надминувајќи го резултатот од 8,49 метри на грчката ѕвезда, Милтаидис Тентоглу.

Ехамер не застана тука. Благодарение на фантастичниот настап во првите пет дисциплини, собра 4.762 поени по првиот ден, што претставува најдобар резултат во историјата на десетобојот по пет дисциплини. Со тоа го урна рекордот од 4.747 поени кој легендарниот Американец Ден О'Брајен го постави уште во 1991 година на шампионатот на САД. На крајот, 26-годишниот Швајцарец стигна до вкупно 8.778 поени и убедливо го освои првото место пред Германецот Лео Нојгебауер, испраќајќи сериозна порака пред Европското првенство во Бирмингем кое ќе се одржи од 10 до 16 август.

Ехамер веќе најави дека главен фокус оваа сезона му е десетобојот, иако во поединечните дисциплини исто така е конкурентен за медали на најголемите натпреварувања. На ЕП во Рим минатата година тој освои бронзен медал во скок во далечина, зад неприкосновениот Тентоглу. Дека се наоѓа во животна форма потврди и на неодамнешното Светско првенство во сала, каде што го освои златото во седмобој и постави нов светски рекорд со 6.670 поени.