Македонскиот атлетичар Дарио Ивановски денеска имаше време од 2.19.08 и заврши трет на Скопскиот маратон, а воедно урна државен рекорд од 2000 година, кој му припаѓаше на Трпе Мартиновски.

Ивановски го урна националниот рекорд и пред две години, но Атлетската федерација на Македонија (АФМ) не му го верификуваше резултатот (2.21.27), меѓутоа најдобриот македонски атлетичар овој пат имаше подобро време и го урна рекордот од 2000 година, кој претходно го постави Мартиновски со време од 2.25.06.

Киплагат и денеска беше без конкуренција и ја истрча патеката од 42 километари за 2.15.09 часа, додека втор низ целта мина неговиот сонародник Чериот Лабан со време од 2.16.03.

Во женска конкуренција на Скопскиот маратон најбрза беше Рут Матебо од Кенија со 2.44.17, а по неа следеше Мерси Кипкемои со 2.44.52, додека третата позиција ѝ припадна на Марија Врајиќ со време од 3.12.51.

Во полумаратонската трка најбрза кај дамите беше Поп Арсова со време од 1.21.19, по што следеа Греша Бакрачи со 1.23.20, а трета беше Наиле Сеферај со 1.29.53.

Кај мажите на полумаратонот најдобар беше Бен Фелтон од Велика Британија со 1.09.17, по што следеше Србинот Велимир Бојовиќ со 1.09.55, а трет беше Леонид Вандевски со 1.10.10.