Италијанците како во најдобрите денови: Пола Серија А може во европските купови идната сезона

Можеби немаат значајни трофеи, со исклучок на оној на Рома во Конференциската лига пред две години, но италијанските клубови бележат добри резултати на меѓународна сцена последните сезони.

Лани Италија имаше три претставници во четвртфиналето и два во полуфиналето од Лигата на шампионите, сега сите испаднаа до осминафинале, но во останатите купови се уште има екипи од Серија А. Поради одличниот коефициент, Италија веќе има обезбедено пет места во Лигата на шампионите за идната сезона, но со малку среќа во финишот, таа бројка може да се искачи на шест, а вкупно во европските купови, да играат половина од екипите во Серија А - 10.

Нема да биде лесно да дојде до такво сценарио, но сепак не е неостварливо. Рома или Аталанта треба да го освојат пехарот во Лигата Европа и притоа да остана надвор од Топ-5 во домашното првенство, а Фиорентина да триумфира во Конференциската лига и да биде надвор од топ-8 дома.

Во таков случај, шест екипи би учествувале во Лигата на шампионите, три во Лигата Европа и една во Конференциската лига. Евентуалното освојување на трофеи во ЛЕ и КЛ оваа сезона би бил огромен успех за Серија А, нешто слично како пред четврт век (1999 година), кога Парма триумфираше во УЕФА купот, а Лацио во Купот на победниците на куповите.