Вардар ја суреди Ал Вехда на Супер Глоуб и си „лапна“ 150.000 долари

Европскиот шампион Вардар денеска беше подобар од Ал Вехда со 30-26 во борбата за трето место на Супер Глоуб, а како награда доби 150.000 долари.

„Црвено-црните“ се соочија со големи потешкотии во првото полувреме, откако противничката екипа постојано го имаше водството. Ал Вахда водеше во поголемиот дел од првите 30 минути, а Вардар прв до водство стигна во 25. минута, кога поведе со 14-13. Сепак, на полувреме екипите заминаа со резултат 16-16.

Во второто полувреме Вардар тргна одлично, па со серија од 5-0 стигна до 21-17. До крајот на мечот „црвено-црните“ ниту еднаш не ја испуштија предноста, па славеа со 30-26.

Најдобар во македонската екипа беше Иван Чупиќ со седум постигнати гола, додека Даинис Криштопанс постигна шест гола.

Во финалето на Супер Глоуб ќе се соочат Кил и Барселона од 16.20 часот.