Шведска направи ненормален пресврт и се пласира во полуфиналето на ЕП

Шведска заработи полуфинале на Европското ракометно првенство на спектакуларен, чудесен начин, во скандинавското дерби со Норвешка. Со победата од 24-23 Швеѓаните дојдоа до осум бода, колку и Шпанија, но ќе го освојат второто место, поради полош меѓусебен однос.

На пет минути до крајот на натпреварот Нпрвешка имаше 23-19 и ништо не навестуваше дека Швеѓаните ќе најдат сили да се вратат за нов камбек, откако веќе имаа еден налет во второто полувреме, за да ја стопат негативата која изнесуваше пет гола на почетокот на вториот дел. Сепак, голманот Петар Јоханесон беше генератор на мотивација со извноредни интервенции во вистински моменти, а последниот допир на чудото дојде од 21-годишното крило Валтер Хринц.

На 15 секунди до крајот, при 23-23 Шведска доби седмерец, кој Хринц го реализира очи в очи со Торбјерн Бергеруд, страшниот норвешки голман кој веќе запри три пенали. Хринц погоди и ја продолжи серијата до 5-0, а во секундите кои останаа Сандер Сагосен се потврди како трагичар. Биеше над гол од далечина, пропуштајќи втор шут за полуфинале, откако 60-тина секунди претходно од зицер не успеа да го совлада Јоханесон.

Претходно, норвшекиот систем изгледаше непогрешлив, со целосна контрола на играта и со максимални плус шест точно пред паузата. Второто полувреме почна со 14-9 за Нпрвешка, а дури по 40. минута Швеѓаните го почнаа камбекот, за победничкото водство, на 15 секунди до крајот, да им биде само второ на натпреварот. Јоханесон беше прогласен за играч на натпреварот со своите девет интервенции, сите во вториот дел и тоа со 50-процентна успешност, додека Хринц погоди шест од шест. Кај Норвешка, Северес имаше 10 одбрани, а Рајнкинд шест од шест.

Ова е седмо полуфинале на Европските првенства за Шведска, а за финале ќе треба да го совлада првопласираниот од групата во Будимпешта. Засега тоа е Данска и така ќе остане, ако утревечер не загуби од Франција во директниот дуел. Шпанија, како прва во групата од Братислава ќе игра со второпласираниот од словачката група (Франција/Исланд).