Нов почеток за Кузмановски, од денеска е во Вецлар кај Миркуловски

Македонскиот репрезентативец Филип Кузмановски, официјално беше претставен како ново засилување за екипата на Вецлар, во германската ракометна Бундеслига.

Средниот бек потпиша договор до крајот на сезонава, со можност да го продолжи на уште една. Одлуката да ги смени боите на Хановер, чиј дрес го носеше од 2020 година, дојде поради малата минутажа под водство на тренерот Кристијан Прокоп.

Во Вецлар, 26-годишниот битолчанец очекува неговите квалитети да бидат далеку повеќе искористени, особено што дел од стручниот тим е Филип Миркуловски кој одлично го познава и знае кога и како би бил најкорисен за тимот.

Прв тренер на Вецлар е Хрвоје Хорват, селекторот на хрватската репрезентација, кој доби отказ по СП 2023, во Полска и во Шведска. Покрај балканскиот тренерски тим и во екипата има неколку играчи од екс-ју просторите, како Црногорците Радојица Чепиќ и Стефан Чавор, Србинот Јовица Николиќ на бековските позиции, словенечкото крило Домен Новак и босанскиот голман Анадин Сулјаковиќ.

Вецлар се наоѓа на 16. место, со четири победи од досегашните 19 кола и примарна цел има да ги избегне двете позиции под него кои носат во понизок ранг. Ова ќе биде трет германски клуб за Кузмановски, кој во 2019 година замина во Магдебург, а по една сезона се пресели во Хановер. Претходно настапуваше за Металург и за Пелистер.