Никола Митревски од следната сезона во Порто!

Веќе извесно е дека Никола Митревски од следната сезона ќе го напушти Еурофарм Пелистер, а очигледно ќе му се исполни желбата да премине во клуб кој ќе настапува во Лигата на шампионите.

Како што дознава Спорт1, Митревски се договорил со најдобриот португалски клуб, Порто. Тимот кој претставуваше сензација во последната, недовршена сезона од Лигата на шампионите, покажал интерес за Митревски по неговата одлична сезона во Еурофарм Пелистер, а македонскиот голман ја одбрал токму таа меѓу понудите од неколку европски клуба.

Олеснителна околност за реализација на еден ваков трансфер е фактот што Митревски веќе има искуство од португалската лига, со двете сезони поминати во Бенфика (2015-2017), па и тој знае каде доаѓа и Порто знае кого носи како нов чувар на својот гол. Митревски се истакна како најдобар голман во СЕХА-лигата во последната сезона, а добар настап имаше и на Европското првенство во Австрија, Норвешка и во Шведска.

Неговата желба е да продолжи во амбициозен клуб, кој ќе настапува во Лигата на шампионите, а Порто е токму тоа, клуб во подем, кој минатата сезона го изненади Кил на гости, го совлада и актуелниот шампион Вардар во Португалија и заврши пред него на табелата, петти.

Порто ќе се натпреварува во ЛШ и следната сезона, иако не како шампион на Португалија, туку само како нејзин претставник. Португалците решија да ја поништат сезоната и да не прогласат победник, само претставници во евро-куповите, без разлика што Порто беше водечки пред прекинот.