Македонско знаме ќе се вее во Стокхолм: Начевски и Николов ќе го судат финалето на СП!

Македонското знаме ќе стои гордо во прекрасната спортска арена во Стокхолм каде што вечерва во големото финале на СП 2023 силите ќе ги одмерат Франција и Данска (21 часот), со оглед што довербата за делење на правдата ја добија Ѓорѓи Начевски и Славе Николов.

Нашите судии перфектно ги одработеа сите задачи кои досега им беа доверени на ракометниот Мундијал во Шведска и Полска, поради што апсолутно заслужени добија шанса да се најдат на центарот во „Теле 2 арената“, која всушност е преуреден фудбалски стадион, поради што спектаклот ќе го следат околу 20.000 спортски вљубеници.

Ова ќе биде трето финале во низа на за Начевски и Николов, кои се грижеа за регуларноста и во битката за златото на ЕП 2020 и на ЛОИ 2021. Ова ги прави меѓу ретките, ако не и единствени што суделе на сите три големи ракометни турнири во низа, како доказ дека во моментов се речиси сигурно најдобра ракометна судиска двојка во светот. Тие зад себе имаат финале и во Купот на ЕХФ и во Купот на куп-победниците, па сега им останува да ја делат правдата уште на финалете во Лигата на шампионите за да го комплетираат својот неверојатен опус.

Задоволството да биде комплетно, Македонец ќе има и во мечот за бронзата и тоа Драган Начевски, кој ќе биде делегат на мечот помеѓу Шпанија и Шведска.