Леонида Гичевска се враќа во француското првенство!

Македонската ракометна репрезентативка, Леонида Гичевска, од вчера има нов клуб, ќе го носи дресот на францускиот прволигаш Безансон, барем, до крајот на сезонава.

Безансон бил во потрага по „медицински џокер“ што поскоро тоа подобро, па ја пикирале Гичевска како најбрза замена по повредите на Одри Дембеле и Ализе Демуж. Ѝ понудиле договор за оваа полусезона, а Гичевска, која есеноска настапуваше во загребска Локомотива веднаш ја прифатила понудата.

„Среќна сум што пристигнав во Безансон. Тоа е клуб со долга и убава историја и со високи цели. Игра константно добро во француската лига и во Европската лига на ЕХФ. Од моја страна, големо е задоволството да играм за Безансон и да му помогнам на тимот најдобро што можам“, изјавила Гичевска по претставувањето.

Безансон е четирикратен шампион на Франција, кој во моментов се наоѓа на седмото место на табелата со 14 екипи.

„Леонида е одлична офанзивна ракометарка, која може да игра како среден или лев бек. Доаѓа во Безансон за да го надомести отсуството на Одри и на Ализе. Таа има репрезентативно искуство, но исто така и во тимови како Локомотива, во Лигата на шампионите. Леонида зборува француски и веќе се има развивано како ракометарка во Франција, затоа нејзиното вклопување ќе биде лесно“, изјавил тренерот Себастијан Мизул.

Гичевска има 24 години и веќе настапуваше за екипите на Самбре-Авесноа и Ле Пузин. Летово од Франција премина во Локомотива Загреб, но сега е во нов поход да се докаже дека заслужува да игра во едно од најсилните европски првентсва.