Кјелце нема да пропадне, го спаси - пивара!

Полскиот ракометен шампион, Кјелце, конечно, си најде нов спонзор кој плати доволно за да го стави своето име покрај клупското, што, пак, ќе значи стабилен извор на финансии.

Веќе неколку дена се знаеше дека Кјелце има најдено спонзор, а вчера го обелоденија. Станува збор за пиварата Ломжа, која склучила договор со полскиот ракометен гигант до крајот на сезоната 2023/24.

Ломжа ќе биде т.н. насловен спонзор, односно клубот официјално ќе се вика Ломжа Виве Кјелце, што значи клубот ќе може да ги задржи скапите ракометари и да продолжи да цели кон врвот на европскиот ракомет.

Кјелце се најде во криза кога во рок од 30-тина дена му откажаа два спонзора, Виве и ПГЕ, па беше во прашање изгледот на тимот и неговиот настап во Лигата на шампионите.