Играа на истиот турнир со Македонија, па фатија - магла!

Десет ракометари на Бурунди исчезнале во Риека, за време на Светското првенство за играчи до 19 години, известува локалната полиција. 

Репрезентативците на оваа африканска земја, последно биле видени вчера, но потоа им се загубила трагата. 

„По досегашните сознанија, станува збор за десет млади личности од машки пол, родени во 2006 година, кои вчера околу 15.30 часот се оддалечиле во непознат правец од студентскиот центар во Риека, каде што беа сместени за време на првенството“, наведуваат од полицијата.

Ракометарите не одговарале ниту на телефонски повици од својот табор. Од полицијата велат дека ќе ги утврдат сите релевантни факти и околностите на нивното исчезнување, но имајќи предвид дека ваквиот случај не е новост на големите, глобални, спортски настани, првата претпоставка е предвидлива.

И на други светски првенства или, пак, Олимписки игри се случувало претставници од африканските земји да побегнат од своите тимови, поттикнати од желбата да не се вратат во Африка и да почнат нов живот во Европа.

На ова првенство настапува и Македонија и тоа играше токму во Риека, во досегашната преилминарна фаза по групи, како и во главната рунда. Вечерва (20ч.) игра во Копривница, против Унгарија, за пласман од деветто до 12. место.