Германија ја уништи Црна Гора, Шпанија пресилна за Исланд

Ракометарките на Германија ја запишаа четвртата победа по ред во групата 2, откако ја надиграа Црна Гора со 36-18, додека Шпанија славеше со 30-23 против Исланд во четвртото коло од Светското првенство (СП) за жени.

Германките тргнаа фуриозно со серија од 9-0, по што најавија дека лесно ќе стигнат до посакуваната победа на Мундијалот, по што доминацијата продолжи во остатокот од дуелот, а како минуваше времето така се зголемуваше предноста до конечни 36-18.

Најефикасна во победничкиот тим беше Нина Енгел со шест голови, додека Јауковиќ, Вукчевиќ и Тривиќ постигнаа по три погодоци за Црна Гора.

Првото полувреме меѓу Исланд и Шпанија понуди интересен ракомет и израмнета игра, иако Шпанките на полувреме успеаја да заминат со предност од 14-13.

Шпанија во финишот од средбата го скрши отпорот на Исланд за конечни 30-23.

Фото: Facebook/Deutscher Handballbund