Франција ги поништи законите на логиката и ја совлада Данска за полуфинале

Со вонземски ракомет и несфатливо враќање Французите ѝ го нанесоа првиот пораз на Данска (30-29) на Европското првенство и си обезбедија полуфинале и тоа како првопласирани во својата група, во Будимпешта. Тоа значи дека во фазата за медали ќе вкрстат со Шведска, додека Данска, како второпласирана ќе игра против Шпанија.

Данците беа оние недопирливи ракометни машини повеќе од три четвртини од натпреварот, меѓутоа се случи некакво поместување на законитостите на логиката и по 47. минута сè се смени. Данска водеше со 27-22 во тој момент, а Лидовиг Фабрегас, еден од најважните играчи во француската одбрана доби трето исклучување, со тоа и црвен картон.

Како што не им одеше на Французите, ова можеше да се толкува само како дополнителна шлаканица на патот кон дното, но се случи спротивното. Со агресивна одбрана и конечно со помошта на Венсан Жерар, „триколорите“ го умртвија нападот на Данска, која патем играше без Микел Хансен и Матијас Гидсел и сепак доминираше дотогаш. Следуваше серија од 4-0 на Франција, а „викинзите“ не постигнаа гол осум минути. Дури и кога погоди Киркелеке, веќе беше доцна да се запре залетот на Франција.

Во 58. минута изедначи на 28-28, што беше прв нерешен резултат на мечот. Дика Мем беше подвижна сила на нападот, со седум од своите осум гола во второто полувреме, а осум имаше и Иго Деска. Кај Данска брилираа Никлас Киркелеке со 10 гола и Јакоб Холм кој иако имаше еден помалку, беше прогласен за играч на мечот.

Со новите два бода Франција собра осум, колку и Данска, но поради подобриот меѓусебен однос го освојува првото место во групата М1. Поради тоа, во полуфиналето ќе вкрсти со Шведска, додека Данците одат на првата од М1, актуелниот шампион на Европа, Шпанија. Полуфиналињата се играат в петок од 18 и од 20.30. Од 15.30, пак, Исланд и Норвешка ќе се пресметаат за петтото место, кое ќе носи директно на СП 2023.