За хемија, „биологија“ и други состојби во репрезентацијата, одговорен е селекторот

Некогашниот селектор на ракометната репрезентација, Стевче Стафановски, прави анализа на Македонија на натпреварот против Австрија, на целиот наш настап на ЕП 2020, како и на она што ја очекува оваа репрезентација.

Нели ќе бевме агресивни, колку исклучувања имавме?

Загубивме во тоа што најмалку требаше. Kолку исклучувања имавме за остра игра? Во најавата за овој меч реков треба да искористиме четворица различни играчи во чувањето на Божовиќ и Билик на позициите 2 и 5 во одбраната, а ние воопшто не бевме агресивни и не ги ротиравме како што треба. Значи според мене, за денешниот натпревар потфрли одбраната. Од почетокот повторно го немаше Мишевски, не ми е јасно зошто? Сите велеа дека најдобрата одбрана ја имавме во првото полувреме со Чешка? Сите велат само 9 гола примивме, јавноста, публиката, други тренери...Е па ајде, каде е најдоброто? Мишевски кој беше добар напред во таа зона 5-1 не го видовме доволно. Сега Талески беше во таа 5-1 зона, ама некако премногу напред излегуваше за да го брка противничкиот среден. Лошо беше и кај халфовите, таму каде што требаше најсилно да притиснеме. Па јасно беше дека кај противникот најдоброто беше бековската позиција и тоа го знаевме сите пред натпреварот. А ние не знам дали имавме едно две исклучувања...?

Многу рано се предадовме, псохолошки неподготвени

Нападот – никој во светот не добил натпревар со напад, ниту пак ние ќе добиеме. Важна е одбраната, со добра одбрана ем го спречуваш противникот, ем си овозможуваш брз напад, ем внесуваш нервоза кај противникот. Три во едно. А нам нападите ни беа лоши, со избрзани индивидуални дуели и имавме многу лоши шутеви  Сите противнички голмани имаат најдобри натпревари против нас. Не може тоа така да се провлекува. Штом се случува подолго време, значи потребни се шутерски тренинзи. И тоа се тренира.

Нивната одбрана беше модифицирана 5+1, кон Кире Лазаров. Со тоа ни ја умртвија десната страна, која беше подобрата на последниот дуел, со Чешка. Нè истуркаа да ја вртиме топката од 12 на 15-16 метри и со тоа нè уништија. А ние, пак, премногу рано се предадовме. Требаше да се гризе и да се чека момент на нервоза кај противникот. Нека се префрли кај нив нервозата, па да го дочекаме моментот за пресврт. Едноставно беа психички неподготвени сите до еден и на терен и на клупа. Мене лично и пред почетокот натпреварот, од она што слушав околу репрезентација не ми се допаѓаше како изгледа психолошката состојба. Кај играчите посебно, недостасуваше концентрација на терен. Каде некаде прочитав, имало слаба хемија во тимот. За хемија, биологија и сè останато во тимот одговорен е само селекторот и толку. Тоа се гради пред првенството, со подготовки, со тренинзи, време поминато заедно, па „тим-билдинзи“. Сега веќе е доцна. 

Ни треба чиста слика. Кој може/сака нека остане, кој не - нека се повлече

Првенството го уништивме со Чешка, тука ни беше шансата, а ние го упропастивме. Со Австрија беше само вадење. Чешка ни беше зрела за победа, имавме одлично прво полувреме, добра игра, шанси и во второ, можеби некои ситници требаше да се променат, но го имавме тој натпревар. Да го добиевме тој, сега друга песна ќе пеевме. 

Сега мора да се престроиме. Ракометната федерација со стручниот штаб мора да седнат и да видат што е најдоброто. До април има време, ама нема време. Уште утре да седнеме да размислуваме и да работиме, пак не знам дали ќе стигнеме. Прво треба да се седне со сите играчи и да се види кој сака, може, не може да игра и прво тоа да го расчистиме. Ако останеме со некој кој виси, без разлика дали Лазаров или Мишевски – не е добро. Мора да има чиста слика. Да нема некое ширење, како сега, на подготовки беа едни, а на Европско други. Да се одвојот 20-тина играчи, да се следат и со нив да се работи. Да се користат максимално ЕХФ-недели.

Досега на оваа репрезентација не ѝ требаше многу време заедно, затоа што со години играше заедно и се познаваше. Сега нема да биде така. Ако Кире рече не можам повеќе, неговите 10 гола треба да ги распоредиме на други тројца играчи. А за тоа треба време, работа, трпение.... И што повеќе собири. Турнири во странство, ние да организираме, ако нема противници нека играат А против Б-селекција. Кој ги знае тие ракометари на поширок список, вака ќе добијат шанса да бидат видени.