Велковски: Добро ги познаваме Чесите, одиме на победа!

Македонија се наоѓа во посакувана положба, веќе на вториот натпревар на ЕП 2020 да се стреми кон победа, која ќе ѝ го загарантира пласманот во втората фаза. Ракометарите се чувствуваат подготвени и доволно ја познаваат Чешка за да веруваат во победа.

Од Виена, Владко Арсов

Фото: Петр Стојановски

Натпреварот со Украинците го реши капитенот Кире Лазаров, демонстрирајќи ги својата класа и искуство. Немаше потреба да седне на клупа и да биде заменет, на пример од Мартин Велковски, кој се врати во репрезентацијата по пауза од, околу, една година, подготвен да се уфрли кога тоа е потребно. Синоќа, сепак, набљудуваше од клупата и оттаму даде една анализа на мечот.

„Украинците не нè изненадија со ништо, бидејќи бевме подготвени за таа нивна игра ‘7 на 6’, гледавме доста видеа, но ете, едноставно имаше помлади играчи во тимот, падна концентрација, се случи на пет разлика, кога можевме да го завршиме натпреварот, тие да се вратат. Дозволивме да направат камбек, на крајот дури израмнија, но најискусниот ја презеде одговорноста и го реши мечот во наша полза. Мислам дека сосема заслужено победивме бидејќи водевме во текот на целиот натпревар, но ете се случија тие падови, кои мора да ги анализираме и да гледаме да не се повторуваат“, вели Велковски.

Пред две години, во Вараждин, врз неговите плеќи падна голем товар, кога мораше 60 минути во мечот со Чешка да биде десен бек, бидејќи Кире Лазаров беше повреден. Тој дуел заврши со победа на Чесите со еден разлика, но Велковски вели дека ќе учат на грешките од тој меч.

„Со Чешка сме играле доста натпревари досега и секогаш била голема борба. Да речеме дека сме, на некој начин, изедначени со нив. Се сретнавме и минатото ЕП, беше доста изедначен натпревар, кој на крај го загубивме со еден гол разлика. Се надевам дека ќе научиме на грешките од тој натпревар и дека ќе бидеме поподготвени. Тимот на Чесите им е, горе-доле истиот, добро ги познаваме и затоа се надеваме на победа“, рече десниот бек на Еурофарм.