Трилер завршница во Виена: Хрватска со магичен пресврт ја совлада Германија

Хрватска запиша важен триумф во големото дерби во главната фаза против Германија со 25-24, па така се пласираше во полуфинале на ракометното Европско првенство.

Германија на стартот на мечот го презема водството (3-2), кое во еден момент достигна и максимални пет гола (13-8) во првиот дел, а на паузата Германците заминаа со предност од 14-11.

Хрватите немаа добар старт на вторите 30 минути, па Германија со два гола се врати на најголемата предност од пет гола (16-11). Сепак, како минуваше времето Хрватска полека се будеше и ја топеше предноста на нивните ривали, по што во возбудлива завршница успеа да слави со 25-24, а последниот гол беше дело на поранешниот вардарец Игор Карачиќ.

Најдобар кај Хрватска беше токму миленикот на Комитите, тој постигна шест погодоци, додека Дувњак даде пет гола. Кај Германија по четири голови постигнаа Вебер, Кастенинг и Генсхајмер.