Стоилов: Да ја победиме Чешка, па после со Данска – на сè или ништо!

Првиот пикер на Македонија, Стојанче Стоилов повторно водеше голема битка на шесте метри, но за разлика од претходните мечеви, овојпат битката заврши предвреме, а тој посочи дека лошиот старт во мечот и повредата на Кире Лазаров практично и го уништиле шансите на Македонија за прва победа во главната фаза и чекор поблизу до полуфиналето.

Според Стоилов, овој меч со Шпанија треба да се заборави, а ракометарите да преспијат и со ладни глави утре да се подготват за задутрешниот меч со Чешка, на кој ќе атакуваат на победа.

„Не сакам да размислуваме за полфинале, реков и претходно, сакам да одиме од меч во меч. Еве денеска изгубивме, ама имаме уште две шанси и треба да се сконцентрираме, со мирни глави да пробаме да победиме во следниот меч. Лично, овој меч ме боли, зошто мислев дека имаме реални шанси да ги победиме, ама тоа е – се случува. Ракометот е таков спорт кога грешиш, а гешките се казнуваат. Многу топки продадовме, а од украдена топка едноставно не можеш да се браниш. Најважно е да преспиеме денес, да заборавиме на овој меч зошто имаме меч со Чешка, кој ако добиеме, ни следува тој со Данска и таму на - сè или ништо. Па кој знае“, вели Стоилов.

Тој посочи дека неколку моменти денеска го решија мечот, од лошиот почеток, преку повредата на Кире, па до фантастичниот голман на Шпанците, Перез де Варгас.

„Не може да каже дека изгоревме, ама лошо го почнавме мечот и после тоа никако не можеше да се вратиме. Киро се повреди кога требаше да фатиме приклучок, нивниот голман не утепа. Не знам што да кажам. Веќе на полувреме беше голема разликата, а Раул можеби мислеше дека реално не може да се вратиме, па реши да не одмара за Чешка и Данска. Ништо не е загубено, со две победи пак ќе играме полуфинале“, додава Столе.