Пелистер ја „одбрани“ Битола, Работнички веќе нема право на кикс ако сака финале!

Кошаркарите на Пелистер се на чекор до пласман во финалето од македонскиот плејоф, откако вечерва по голема борба го доби првиот од двата меча со Работнички (85-79) во Битола и поведе со 2-1 во полуфиналната серија.

Зелено-белите беа подобар противник, особено во финишот кога конечно го скршија отпорот на противникот. Клучна се покажа серијата 12-0 на битолчани, остварена во финишот од третиот и почетокот на последниот период од средбата, кога од минус пет дојдоа до највисоката предност од плус седум (71-64). Пелистерци потоа умешно ја одржаа разликата, дури и без репрезентативниот плејмејкер Андреј Магдевски, кој се повреди во финишот. Одлично во овој дел се снајде ветеранот Александар Костоски, кој имаше неколку одлични потези, пред се во одбраната. Центарци има по што да жалат, бидејќи го имаа водството во голем дел од средбата, на момент и со плус осум (29-21), но не можеа нешто повеќе од тоа.

Четвртата средба, повторно во Битола, најверојатно ќе се одигра в среда, додека во случај на триумф на Работнички „мајсторката “ би била следниот викенд во Скопје. Утре својот трет полуфинален меч ќе го одиграат ТФТ и МЗТ во салата СРЦ „Кале“ (19 часот), во серијата во која аеродромци водат со 2-0.