Србите разочарани: Не бевме добри во нападот, па сега ќе навиваме за Шпанија!
Селекторот на Србија и екс-тренер на Македонија, Раул Гонзалес кажа дека е разочаран затоа што пропуштиле добра шанса, но свесен е дека ништо не е готово.
„Не бевме добри во нападот, нивниот голман беше сигурен. Тие се добар тим, имаат многу ракометари од Бундес лигата. Нè победија со еден гол разлика и сега го чекаме последниот меч од групата. Овој натпревар беше изедначен, а тоа го покажува и резултатот“, кажа селекторот на Србија.
Екс-вардарецот Мијајло Марсениќ кажа дека „орлите“ не одиграле според нивните очекувања, па сега ќе навиваат за Шпанија.
„Ова е неверојатно разочарување затоа што паднавме под притисокот. Против Германија немавме таков притисок. Сега не зависи сè од нас, се надевам дека Шпанија ќе ја победи Германија и ќе избориме пласман во втората фаза“, кажа Марсениќ.