Словенците бесни на Хрватите – во шок се од тоа што го преживеале во „Арена“!
Веднаш по мечот фокусот се префрли на судењето, откако словенечкиот селектор Урош Зорман отворено го изрази своето незадоволство од арбитражата на чешките судии Васлав Хорачек и Јиржи Новотни. На крајот, ситуацијата речиси ескалираше во физичка пресметка.
„Никој не очекуваше да го отвориме натпреварот на ваков начин, но за жал, не издржавме во второто полувреме. Моите играчи го дадоа максимумот. Штета што не ја покажавме истата игра против Египет и Исланд. Можам да се пожалам на судиските одлуки, но факт е дека ракометот денеска не победи,“ изјави разочараниот Зорман.
Според него, клучните моменти започнале уште пред крајот на првото полувреме, кое заврши нерешено (15-15), а Словенија, според неговото мислење, требало да има водство.
„Не боли самиот натпревар, туку што истиот судија ни судеше и во полуфиналето на Олимписките игри. Одлично одигравме, но очигледно беше дека домаќините мораа да поминат понатаму, што на крајот и го направија“, додаде Зорман.
Наместо борба во четвртфиналето, каде што Хрватска ќе се соочи со Унгарија, Словенија го завршува турнирот на 13-тото место. Селекторот Зорман призна дека ова е „голема лекција“ за него и ја презеде одговорноста за претходните натпревари против Египет и Исланд.