„Штом ја напуштиме салата ќе почнеме да се подготвуваме за Хрватска!“

Македонија го оствари зацртаното по првите два меча на СП и што е поважно, со заштедени сили по денешниот дуел со Бахреин. Од утре следува тешкото, почнувајќи со Хрватска.

Жарко Пешевски и на вториот меч продолжи да игра безгрешно, кога се во прашање головите. По 4/4 против Јапонија, денеска имаше 2/2, но и многу претрпена борба со Бахреинците.

„Денеска беше потешко отколку со Јапонија. Го знаевме тоа и затоа влегове максимално подготвено, трпеливо, внимателно и мислам дека им го скршивме отпорот таму некаде по 15. минута. Знаевме што сакаме на овој натпревар и на крајот заслужено победивме.“, вели Пешевски.

 Ја знае сериозноста на утрешниот (18ч.) меч со Хрватска, па затоа вели дека ќе ја искористат секоја минута за да се подготват.

„Наредните три натпревари, почнувајќи од утре со Хрватска, се сосема поинакви. Имаме кратко време за подготовка, знаеме која е Хрватска и мислам дека уште во моментот кога ќе ја напуштиме салата ќе почнеме да се подготвуваме за неа“, дополни пивотот.