Салата „Борис Трајковски“ два ипол месеци ќе биде недостапна за спортистите!

Ракометните и одбојкарски екипи и репрезентации, како и повеќе федерации во помалите спортови кои ја користеа салата „Борис Трајковски“, во следните два ипол месеци принудно ќе си бараат нов дом, откако овој спортски објект беше претворен во центар за масовна имунизација на граѓаните со вакцините против коронавирусот.

Без разлика што ставува збор за национална спортска арена, борбата против болеста Ковид-19 е во преден план, па сите што досега го користеа овој објект без проблеми прифатиле привремено да се преселат на друго место.

„Два ипол месеци салата 'Борис Трајковски' ќе биде затворена поради вакцинацијата. Ова е национална арена, меѓутоа вакцинацијата е приоритет на државата“, вели директорот на спортскиот центар, Александар Петровски.

Поради оваа ситуација, промени во местото на одигрување на средбите претрпеа натпреварите на женската и на машката ракометна репрезентација, кои иако подолг период наназад играа во „Борис Трајковски“ сега ќе мора да истрчаат на паркетот во спортскиот центар „Јане Сандански“. Веќе е потврдено дека дамите својот бараж за пласман на СП 2021 против Романија, закажан за 21 април од 17.45 часот, ќе го одиграат во населбата Аеродром, исто како и нивните машки колеги против Швајцарија во квалификациите за следното ЕП, дуел закажан за 2 мај од 18 часот.