Русите уште играат за осминафинале, а Македонија - за образот!

Македонската репрезентација денеска го игра петтиот натпревар на Светското првенство во Египет и втор во главната фаза. Противник ни е Русија, репрезентација, која до завчера беше непоразена на Мундијалот, но желбите се исти без разлика на луѓето од другата страна на теренот - да видиме подобра Македонија.

Русите дојдоа во Египет со вајлд-карта, меѓутоа доволно рано за да се подготват за Мундијалот. И тие се со променет и подмладен состав во однос на минатото Светско првенство, но многу подобро од нас им оди преминот од една на друга генерација.

На СП во Германија и во Данска, пред две години, одигравме изедначен меч кој заврши со 30-28 во нивна полза, со што добија право да се борат за 13. место на шампионатгот, а ние игравме со Чиле за 15. Две години подоцна, Русија ја победи Словенија и како првопласирана од својата група влезе во главната фаза.

И тие имаат мани во играта, излегоа на површина во средата, кога загубија од Египет со 28-23, во едно прво полувреме, кое не беше лошо колку нашето (6-20), но доста наликуваше на него (8-15). Прва „игла“ во нападот на Русија е 21-годишниот талент Сергеј Косоротов, кој досега има 21 гол, а бековската линија е одлично дополнета со искусниот „плејмејкер“ Дмитри Житников и некогашниот вардарец, Дмитри Кисељов. Русија сега има три бода, на четвртото место во групата, но првопласираната Шведска има само пет, така што во игра се математики за првите две места и пласман во осминафиналето.

И селекторот Брестовац најави дека не можеме да очекуваме премногу, но целта е да видиме подобра Македонија, да видиме доказ за прогрес и, се разбира, беспоштедна борба. Ако се случи тоа да донесе бод(ови), ќе биде одлично за самодовербата. Ако не, товарот и одговорноста ќе станат уште малку потешки за идните средби.