Ракометарите не блескаа, но беа на ниво кога требаше за триумф над Естонија (ФОТО)

Македонската ракометна репрезентација далеку потешко од очекувањата вечерва во салата „Борис Трајковски“ ја совлада селекцијата на Естонија (37-33) за успешен старт на квалификациите за пласман на ЕП 2026.

Жолто-црвените отпорот на незгодните гости го скршија кон средината на вториот период, кога се серија 8-2 дојдоа до највисоките на мечот плус пет (34-29), кои потоа умешно ги задржаа. Ова беше меч без одбрани, во кој во првото полувреме паднаа дури 40 голови (20-20) во кое нашите голманите немаа ниту една интервенција. Во продолжението работите полека дојдоа на место, а гостите последното водство го имаа точно на влезот во последната четвртина од средбата (27-26). Мартин Серафимов потоа постигна три гола во серија, разликата се зголемуваше, па на крајот без голема нервоза го дочекавме крајот на натпреварот.

Ова беше втор по ефикасност натпревар во репрезентативната историја, по триумфот над Литванија во 2003 година во Велес со резултат 41-30. Серафимов со десет гола беше прв стрелец на Македонија, по седум постигнаа Митев и Кузмановски, а по три пати прецизни беа Џонов и Петковски.

Македонија вториот меч од квалификациите ќе го одигра в недела и тоа на гости против Литванија, на кој ќе мора да заигра многу подобро ако сака уште месецов да направи голем исчекор кон освојување на едно од првите две места во групата кои водат на следниот континентален собир.