Проблеми за Фалангата: Како сите Македонци да влезат во салата во Вараждин?

Освојувањето на првото место во првата фаза од ЕП во Хрватска, како и лидерската стартна позиција со три бода во групата во втората фаза ја кренаа на нозе Македонија во пресрет на неделниот старт на битката за полуфиналето во групата во Вараждин. Кире, Борко, Столе, многуте Филиповци и останатите ракометарси сигурно ќе имаат поддршка од илјадници Македонци, но...

За разлика од „Арена Загреб“, македонската Фаланга ќе биде ограничена во салата во Вараждин, која има трипати помал капацитет, а интересот во Македонија за новите три меча е двојно поголем. Добра вест е што ги нема Унгарците, кои буквално го држеа Вараждин под окупација во изминатите шест дена, но лоша вест за македонските навивачи е дека – билети веќе нема.

Медуми веќе објавија дека освен малиот капацитет, кој не може да ги прими сите што сакаат да дојдат на мечот, туку и дека одреден контингент на влезници веќе има кај тапкарошите, кои планираат сериозно да заработат, знаејќи особено каков интерес најмногу има од Македонија. Веќе се најавени нови аранжмани од Македонија за мечевите во Вараждин, па нема да биде изненадување ако македонската Фаланга биде уште побројна во однос на таа што беше во Загреб.

Македонија стартува со три бода, а Шпанија, Данска, Германија и Чешка имаат по два, додека Словенија има еден бод. Македонија својот прв меч ќе го игра в недела од 20.30 часот против Шпанија, а два дена подоцна ќе се соочи во истиот термин со Чешка, додека последниот меч е на програмата в среда од 18.15 часот со Данска.

Инаку според правилникот за награди, ракометните херои веќе заработија 30.000 евра за пласманот во втората фаза и ги чека уште толку ако бидат меѓу првите шест на ЕП, додека евентуален пласман во полуфиналето ќе им донесе награда од 100.000 евра.