Последно и претпоследно место за Македонија на ЕП во ракомет на плажа

Македонските репрезезентации го завршија Европското првенство во ракомет на плажа со по една победа, но за разлика од жените, кај мажите таа беше за да го избегнат последното место и како утеха, да завршат 19-ти.

Македонија ја совлада Црна Гора со 2-0 во сетови, во дуелот на двете репрезентации без победа досега на машкиот турнир. Првиот сет нашите репрезентативци го добија со убедливи 28-9, а вториот беше поизбалансиран, со 28-22 за Македонија. Кузмановски, Трајкоски и Колоски беа одлични со по 12 поени.

Жените, за жал, загубија во мечот за 19. позиција и тоа од Кипар, селекцијата која ја совладаа во втората групна фаза од првенството. Првиот сет Кипранките го добија извесно, со 20-11, а вториот беше крајно изедначен и резултира со 18-18. Мораше да се игра до златен гол, а противничките имаа поголема концентрација.

Мажите како 19-ти, жените како 20-ти, го завршија првиот настап на Македонија на едно првенство во ракомет на плажа по пауза од осум години. Симона Гроздановска беше убедливо најдобрата поединка во нашиот состав со 18 поени, сите двојни голови.