Пораз на Македонија, Јапонците ја добија драмата во Куманово!
За разлика од првиот натпревар меѓу овие две селекции кој беше од затворен карактер, денешниот меч беше отворен за публика, кумановци можеа на дело да ги видат нашите најдобри ракометари.
Натпреварот изобилуваше со пресврти, водевме во поголем дел од мечот, но на крајот кога се решаваше победникот Јапонија беше подобра.
Момците на Лазаров добро го почнаа натпреварот, но следуваше голем пад по кој Јапонија поведе со 13-10. Лазаров побара тајмаут, по советите од селекторот следуваше серија од 6-0 на Македонија и водство од 16-13. Јапонците брзо се вратија во игра и на одморот заминавме со еден гол предност, беше 17-16 за нас.
Во текот на второто полувреме Јапонија направи серија од 5-1, со која поведоа со 28-25, ние на крајот успеавме да се вратиме, но гостите беа поснаодливи во драматичната завршница и дојдоа до победа од 32-31.
Томовски имаше одлична партија со 12 одбрани, најефикасен беше Серафимов со седум голови, Костески постигна пет, Кузмановски четири.







