Пешевски: По поразот едно сфативме - не си одиме без победа!

Македонските ракометари достоинствено го отворија Европското првенство во Унгарија и во Словачка и покрај поразот од Словенија со 25-27. Велат дека овој натпревар им дал мешани емоции: разочарување, но и уште поголем глад за успех.

Пивото Жарко Пешевски призна дека загубивме на сопствени грешки, но истовремено кажа и дека ваквиот пристап со една Словенија им даде самодоверба дека на ова ЕП можат да дојдат барем со една победа.

„Искрено сум разочаран, имаме за што да жалиме по овој натпревар, на кој покажавме квалитет, но помалото искуство се покажа решавачко. Одигравме квалитетно, на високо ниво, се боревме за секоја топка, но грешките што ги правевме во клучните моменти беа клучни за конечниот исход. Едно е сигурно, после овој пораз нема да се предадеме, напротив, видовме дека можеме да играме со квалитетни репрезентации. Сакаме да забележиме најмалку една победа, за нас и за овие верни навивачи кои ни дадоа огромна поддршка“, изјави Пешевски.

Шансата за таа победа е Црна Гора, в сабота од 18 часот. Црногорците имаа многу потежок почеток од нас, загубија од Данска со 21-30, но тоа не може да биде реална слика за нивните можности. Сепак, важно е како ќе игра Македонија.

„Црна Гора не е наивен противник, но наша желба е да стигнеме до триумф. Клучно ќе биде да го намалиме бројот на грешки и на загубени топки, ако одиграме како против Словенија, а ги намалиме тие грешки, верувам дека ќе се радуваме на победата“, најави пивотот.