„Паднаа во вода сите приказни на мојот 'пријател'!“

Миленикот на ракометната публика, Борко Ристовски, е колумнист на Спорт1 за време на Светското првенство (СП) во Полска и Шведска. Пред и по натпреварите ги изнесува своите впечатоци и ставови, пофалби и критики за нашите ракометари во желба да им понудиме еден поинаков агол на нашите читатели.

После триумф секогаш е полесно да се пишува и „анализира“ - мала иронија нормално. Победа како победа е секогаш добродојдена и значајна, без разлика против кого е остварена и за кое место и да се бориме.

Меѓутоа, во нашиов случај е малку покомплицирана ситиацијата, а таква е зашто ракометната репрезентација е заложник на филозофијата која треба да се базира на напредок, но во нашиот случај таа е се базира на - уназадување на нештата. Јас знам зошто е тоа така, меѓутоа останува да се направи анализа после ова СП и да се извлечат заклучоци и да се согледаат работите какви што се, а тоа е многу блиску до катастрофа, ако не сме веќе и таму.

Но, да одиме по ред. Момците на мечот со Алжир, без разлика на сѐ, излегоа мотивирани на терен и со една цел - да се добие натпреварот. И толку! Ништо ново на тактички план, ништо од новата „скандинавска игра“. Напротив, игравме без полуконтра, брз центар и со долги напади. Значи се вративме назад пред пет-шест години, кога нели ја игравме таа игра што не чинеше и поради која дојде новиот селектор да ја промени.

И сега што со изгубените години кои „некој“ ги потроши да си собере тренерско искуство и да учи да биде тренер на грбот на репрзентацијата. И на крај, што со целокупната спортска јавност!? Што со тие години, што со тие деца кои ги изгоревме барајќи ја „новата игра“ !? После секој пораз слушавме дека Норвешка е Топ 4 репрезентација, дека Холандија била Топ 5, дека Аргентина била сериозна и доста квалитетна. Конечно, после синоќешните натпревари паднаа сите маски. Падна во вода сѐ она што ни го продаваше мојот 'пријател'

Норвешка едвај излезе на крај со Србија (31-28), селекција која низ годините била наш лесен плен. Холандија, пак, играше против Катар и само благодарение на среќата стигна до победа со 32-30. И на крај останува „сериозната и екстра квалитетна“ Аргентина. Што да се каже повеќе од самиот резултат на мечот против Германија, кој го загубија со 19-39 значи со - 20 голови разлика. Резултатите се такви какви што се, а од нив се гледа дека не се работи за екстремно квалитетни противници туку дека е поголема веројатноста ние да сме го утнале патот, односно стратегијата. Така беше и на минатото ЕП на кое не го поминавме првиот круг, очигледно сме го утнале и на ова СП, а голема е веројатноста дека сме го утнале и селекторот и стручниот штаб.

Затоа, да сумирам. Ланското ЕП го завршивме на 22. место, без НИТУ ЕДЕН ДОБИЕН ИГРАЧ. Ова СП ќе го завршиме бајаги подоле, без идеја, стратегија, визија, а ако сакате и со очигледен недостаток на стручност. Затоа, мора да има – ОДГОВОРНОСТ!