Македонија се радува на победа и во вториот натпревар од Светското првенство во Германија и во Данска, против Бахреин, што автоматски значи дека по оваа прва фаза продолжуваме во Келн, освен ако не се случи чудо, Бахреин и Јапонија да добијат некој од фаворитите.

Го победивме Бахреин со 28-23, а клучниот чекор кон нови два бода го направивме во завршницата на првото полувреме. За 11 минути примивме само еден гол, дадовме седум и се одлепивме на 12-8, дотогаш највисоки.

Одбраните и на двете репрезентации беа добри, голманите одлични и пресудуваа грешките, кои Бахреин ги имаше повеќе во финишот. Претходно и Македонија имаше критичен период од 11 минути без да постигне гол, меѓутоа Раул го реши со промена, со внесување на Филип Лазаров, дури и на Филип Чурлевски, со играње „7 на 6“ и тоа донесе убава предност на паузата.

Во вториот дел Чурлевски беше, речиси, стандарден, нападот доби течност, а за разновидност придонесе и нововлезениот Поповски, кој ја разигра и десната крилна позиција. Во одбраната продолжувме со цврста 6-0 зона, Бахреинците губеа концентрација во финишот и предноста на Македонија неизбежно растеше.

Во завршните 10 минути Раул се обиде да ги одмори првотимците, па им даде шанса на Митревски, Танкоски, Серафимов, Крстевски, а мечот се претвори во мала бркотница бидејќи Бахреин почна да игра без голман, па прими неколку погодоци на празна мрежа.На крај, повторно Кире Лазаров беше најефикасен со осум гола, по четири имаа Кузмановски и Манасков.

Со оваа победа Македонија, веројатно, го обезбеди четвртото место и ги остави зад себе Бахреин и Јапонија освен, се разбира, некој од нив не направи чудо против фаворитите. Сепак, не се знае далиќе одиме во Келн како четвртопласирани, што значи би се бореле за позициите 13-16 или пак како една од селекциите на првите три места, кои ќе ја продолжат битката во топ-12, за што повисок пласман.

За тоа ни треба победа против Хрватска, Шпанија или против Исланд, а првата шанса ја имаме утре од 18 часот, против „коцкестите“.