Ни треба само бод против Гвинеја, но сѐ освен убедлива победа би било – светско чудо!
Сите анализи и проценки велат дека жолто-црвените треба многу лесно да дојдат до победа во вечерашната пресметка, но Мундијалот е место каде што играат најдобрите од сите континенти, па не зачудување предупредувањето на селекторот Кирил Лазаров дека ривалот не смее да се потцени. Африканците претрпеа два убедливи порази досега (18-35 со Унгарците и 23-40 со Холанѓаните), додека Македонија прво ремизираше против Унгарија (27-27) додека загуби од Холандија (32-37) во контроверзен меч во кој противникот имаше огромна судиска помош.
„Нема да калкулираме, победата ни е потребна за пласман во втор круг. Можеби сме фаворити на хартија, но со оглед дека имавме две тешки и исцрпувачки дуели, очекувам тежок натпревар против Гвинеја, која не смееме да ја потцениме“, изјави Лазаров.
Македонската селекција со евентуална победа, па дури и реми сигурно ќе се најде во следниот круг на СП, каде што ќе пренесеме еден бод и каде што ќе се пресметаме уште со Франција, Австрија и Катар во обид да направиме чудо и да дојдеме до едно од првите две места што водат во четврт-финалето на Мундијалот во Хрватска, Данска и Норвешка.