Нема веќе билети, Македонија пред полни трибини ќе игра против Исланд!

Македонските ракометари ќе имаат чест, по подолго време, пред полни трибини да го бранат националниот дрес. За натпреварот против Исланд, в недела од 20 часот - нема повеќе билети.

Салата „Борис Трајковски“, по подолго време, е распродадена за спортски настан. Македонската ракометна репрезентација ќе има полна поддршка во обидот вторпат да го совлада Исланд за само неколку дена.

Несомнено, одличната игра и возбудливата победа од Рејкјавик пред неколку дена го кренаа адреналинот кај нашата спортска јавност, па вниманието ќе биде поголемо и за реваншот.

Тоа ќе биде натпревар, со кој, речиси, ќе бидеме сигурни учесници на Европското првенство идната година, затоа ќе биде важно македонските репрезентативци да одиграат уште еден добар натпревар. Последниот, во Борис Трајковски, беше баражот со Романија, лани во јуни, кога си ја отворивме портата до пласман на СП 2019.

Што се однесува до нашиот следен противник, репрезентацијата на Исланд, таа пристигнува утре и тоа со променет состав, со нови голмани, откако Густавсон и Едвардсон примија 34 гола и заедно имаа шест одбрани.