Не смееме кикс со Бахреин, селекцијата со само еден играч повисок од 190 цм!

По еден ден одмор, македонската ракометна репрезентација ја очекува меч со Бахреин, уште еден противник кој котира пониско од Македонија, поради што победата е задолжителна. Сепак, полесно е да се каже отколку да се направи, особено по првата претстава на азискиот вицешампион, овде во Минхен.

Бахреин располага со помал квалитет од Македонија, но историјата на спортот има доволно сведоштва дека тоа не е никавка гаранција за успех. Тоа е селекција во која сите ракометари играат во своето, домашно првенство, но затоа, пак, имаат исландски селектор во Арон Кристјансон. Со своето ракометно знаење тој ги надоместува недостатоците на репрезентацијата и затоа против европскиот првак Шпанија пружија сосема коректен меч.

Од Бахреин треба да очекуваме да игра напад „7 на 6“, како што впрочем би направиле мнозинството репрезентации од позиција на аутсајдер. Со тоа го надоместуваат недостатокот во височина во нивната постава, бидејќи имаат само еден играч во поле повисок од 190 сантиметри, левиот бек Хасан Мадан (194цм), кој патем, против Шпанија постигна еден гол.

Прва виолина во тимот им е плејмејкерот Алсајад, кој со своите 175 сантиметри е подвижен, пргав и опасен. На него се потпира играта на Бахреинците и можеби затоа за очекување е Раул да практикува одбрана 5-1, за да го ограничи колку што е можно. Во нападот би требало да ја искористиме нашата височина, но многу ќе биде важно како селекторот ќе ги ротира играчите и колку рамномерно ќе ги распореди силите, за да не ја загубиме физичката битка со Азијците.

Бахреин е вицешампион на Азија, четири пати во последните пет години, а лани во финалето на тамошното континентално првенство загуби од недопирливиот Катар многу тесно, со 31-33. Македонија досега не се сретнала со оваа селекција, а ќе ѝ биде шеста азиска, откако во претходните пет случаи остваруваше победа. Натпреварот почнува во 14 часот.