Првомајското коло во ПМФЛ во знакот на битките за опстанок!

Денеска на програмата е 30. коло од Првата македонска фудбалска лига, во центарот на вниманието се битките за опстанок, во Штип Брегалница го пречекува Вардар, а Воска гостува кај Македонија Ѓорче Петров.

До крајот на сезоната остануваат уште само четири кола, секој бод е важен и во трката за титулата и во борбата за опстанок. Денешното коло носи две директни битки за опстанок.

Вардар во лоша форма патува во Штип кај Брегалница, црвено-црните имаат серија од три порази и се надеваат дека таа денеска ќе биде прекината. Ниту формата на штипјани не е многу подобра, тие на последните три дуели имаат едно реми и два порази, во последното коло доживеаа дебакл во Охрид каде загубија од Воска со 4-0.

Доколку Вардар успее да се врати со трите бода од ова гостување, ќе направи голем чекор за избегнување на позициите кои водат во ранг подолу. За Брегалница ова можеби е последната шанса, со победа ќе ја задржат надежта.

Воска е во најдобра позиција за опстанок, врзаа две победи во последните две кола и се одлепија на пет бода пред Вардар, но опстанокот уште не е обезбеден. Позитивен резултат од Ѓорче Петров ќе биде многу значаен за тимот на Захариевски.

Македонија Ѓорче Петров пак се надева дека со три бода од денешниот меч може да го фати последниот воз за опстанок, доколку не триумфира, шансите ќе бидат сведени само на теорија.

Актуелниот шампион Струга му гостува на незгодниот Тиквеш кој покажа дека може да биде опасен за фаворитите. 

Незгодно гостување има и Шкупи кој игра кај Гостивар, Шкендија го пречекува тимот на Брера. Во Кратово играат Силекс и Работнички.

Сите натпревари се играат од 16 часот.

30. коло:
Брегалница - Вардар
Гостивар - Шкупи
Македонија ЃП - Воска
Шкендија - Брера
Силекс - Работнички
Тиквеш - Струга

Табела: Струга 58, Шкупи 58, Шкендија 55, Силекс 41, Тиквеш 39, Брера 37, Гостивар 37, Работнички 35, Воска 34, Вардар 39, Македонија ЃП 26, Брегалница 26.