Награда од 10.000 евра за ракометарките и ветување за уште 30.000!

Различно од досегашните собири на централното раководно тело на Ракометната федерација, се критикуваше машката, а се фалеше женската репрезентација на Македонија. Доминантните квалификации и изборениот пласман во баражот за СП 2019 оставија добар впечаток, па затоа девојките заслужија награда.

Ракометната федерација на Македонија ќе ѝ додели 10.000 евра на женската ракометна репрезентација на Македонија како награда за трите победи во трите квалификациски натпревари против Исланд, Турција и против Азербејџан. Предлогот го даде претседателот Живко Мукаетов, а беше проследен со пофалби од неколку члена на УО на РФМ.

„Би сакал да го поздравам ова што се постигна. Би инсистирал да направите една навистина содржајна агенда на подготовки. РФМ е на располагање за се што треба, дали на физички дали на психички план. Сакаме да дадеме шанса на девојките да направат нешто повеќе.“, рече Мукаетов.

А повеќе треба да направат против Словенија, противникот кој викендов го добивме за баражот во јуни. Мукаетов вети ако успееме да ја поминеме Словенија, ракометарките ќе добијат уште 30.000 евра награда. Селекторот Симе Симовски изрази задоволство од формата и односот на репрезентативките, но и од противникот, затоа што избегнати се многу поголеми велесили.

„Кога слушнав дека во баражот ни се падна Словенија бев среќен. Не затоа што е слаба селекција, туку затоа што ги избегнавме Шведска, Норвешка итн. Со нив сме се надмудрувале и сме се надигрувале. Тие со години работат одлично и многу се понапред со женскиот ракомет, но ќе се трудиме и ќе се обидеме заеднички сите да оствариме добар настап.“, рече Симовски.