На полесниот начин или со тешка математика - Македонија има четврт-финале „на тацна“!
Исланѓанките веќе се пласирани во нок-аут сегментот, откако во прелиминарната фаза ја совладаа Шведска, а завчера славеа и над Иран. Имаат четири бода, еден повеќе од Македонија, додека Шведска од третата позиција, со еден бод, претставува закана за второто место кое го држиме и кое носи во четвртфиналето.
Таквата состојба на табелата нуди повеќе поволни опции за нашата репрезентација и што е најважно, во сите самата има привилегија да си решава за себе.
1. Ако Македонија го совлада Исланд ќе се пласира во четвртфиналето и тоа како прва од нашата група 1, па таму ќе игра со, условно, послаб ривал, вториот од групата 3.
2. Ако Македонија одигра нерешено со Исланд ќе се пласира во четвртфиналето, но како втора во нашата група, што значи ќе се соочи со првопласираната од групата 3, најверојатно Јужна Кореја, една од четирите репрезентации кои досега имаат стопроцентен ефект на ова СП.
3. Македонија може да се пласира во четвртфиналето и со пораз, но во таков случај ќе броиме гол-разлика, во споредба со Шведска. Во моментов, Македонија има +12, а Шведска -5, што ќе рече за 17 гола подобра гол-разлика, затоа во случај на пораз важно би било колку ќе загубиме од Исланд, но и со колку Шведска би го добила Иран. Имајќи предвид дека тој меч се игра од 18.30, Љубомир Савевски пред почетокот на својот дуел со Исланд, веќе ќе знае колкав пораз смее да си дозволи за, сепак, да се пласираме во четвртфиналето, колку и да не се популарни ваквите калкулации кај селекторите.
Исланд е селекција која првично немаше пласман на овој Мундијал, но откако Македонија го доби правото на организација во април, како замена за Грузија која се откажа, ние влеговме на позицијата домаќин, а Исланд како прва резерва на нашето место.