Мартин Серафимов е втор најдобар стрелец на Светското кадетско првенство

Светското кадетско првенство што се одржува во Скопје заврши со историска прва шампионска титула за ракометната селекција на Египет, додека Македонија мораше да се задоволи само со 13. позиција.

Но, како утеха за „црвено-жолтите“ останува фактот дека на големата сцена блеснаа двајца одлични ракометари. Станува збор за Мартин Серафимов и Ненад Костески кои се покажаа како вистински лидери во составот на Македонија, по што двајцата се пласираа меѓу најдобрите пет стрелци на овој Мундијал.

Серафимов е второпласиран со 49 гола, исто колку и Мохамед Мохамед од Бахреин, додека Костески се наоѓа на петтото место на листата на стрелци со 46 постигнати погодоци. Најдобар стрелец на овој светски шампионат беше Хасан Валид Ахмед од Египет со 51 постигнат гол.