Македонската ракометна репрезентација до 19 години одигра солиден меч против фантастичната Португалија на Светското првенство, а иако неколку пати имаше водство, сепак на крајот беше поразена со 25-29.

Македонските кадети одлично го почнаа натпреварот, па веднаш стигнаа до водство, а Португалците го следеа ритамот на натпреварот. Нашите ракометари стигнаа и до водство од два гола (7-5) во 15. минута, а нашиот противник дури во 25. минута направи пресврт и поведе со 10-9.

До крајот на полувремето следуваше пад во играта на македонските ракометари, па Португалија замина со позитива од +3 на полувреме, односно 15-12.

Во второто полувреме македонск ракометари тргнаа многу подобро, па во 43. минута стигнаа до израмнување на 18-18, а дури десет минути подоцна се вратија во водство со серијата од три гола по ред, па поведоа со 24-23.

Сепак, следуваше нов пад во играта на македонските кадети, а тоа знаеја Португалците и тоа како да го искористат и на крајот стигнаа до конечни 29-25.

Најефикасен во редовите на македонската репрезентација беше Мартин Серафимовсо девет погодоци, а кај Португалија најдобар беше Мораис со шест гола.