Ловиме сигурно ЕП против „рибарите“: Македонија може и мора против Исланд!

Македонските ракометари остварија една од најголемите победи воопшто, во квалификациските натпревари од нашето осамостојување, но сега треба да ја потврдат со бодови и на домашен терен против Исланд. Квалитеот го имаме, теренот и атмосферата нам ни се наклонети, само уште да се испорача успех, вечерва од 20 часот.

Паркетот во „Борис Трајковски“, е боиштето на кое сме ги заверувале патните налози на сите големи првенства во последната деценија (и нешто), почнувајќи токму од Исланд, во 2008, на отворањето на овој спортски дом.

Сме имале и порази. но најчести тешки победи или важни победи кои значеле последен исчекор до еден голем собир. Разликата меѓу некои други времња и вечерашниот дуел е тоа што сега не ни гори под нозе и бараме победа за комоција, за лесно пловење низ преостанатите две квалификациски кола, в јуни.

Ги имаме сите елементи на наша страна, почнувајќи од новиот селектор, преку песната од трибините, до разнишаниот противник, кој дури ги смени првите двајца голмани пред да дојде овде и затоа уште поважно е да не се оплеска поволниот ветер во грб.

Нашата победа во Рејкјавик беше допир во непозната територија, но Исланѓаните знаат како е да победат во Скопје и тоа, токму во оваа сала, кога репрезентацијата ни беше во добра форма. По солидното СП во 2009 година, ждрепката за квалификациите за следното ЕП не стави во иста група со нив, а ние не ја одбранивме својата територија, губејќи со 26-29.

Во последното нивно патување овде, пак, во квалификациите за ЕП 2018, славевме удобно со 30-25. Сега не сме во позиција кога би се коцкале или би покажувале некаква ноншаланстност, од причина што ова е прв домашен дуел за новиот селектор и тој ќе инсистира на високо ниво на дисциплина во играта. Направи две промени во однос на гостувањето во Рејкјавик, Серафимов и Димитриоски ги заменија Јагуриновски и Маџовски и ќе добијат шанса за репрезентативна минутажа.