
Лазаров: Одигравме како што се договоривме, добрите резултати тргнуваат од одбраната!
Лазаров кажа дека ракометарите ги почитувале неговите барања во најголем дел од случаите и беше пресреќен поради големиот триумф.
„Прво сакам да им се заблагодарам на моите играчи и соиграчи. Тие ги испочитуваа моите инструкции. Благодарност до мојот стручен тим, кој ми помогна да се подготвиме за овој натпревар. Иако ова е нов предизвик за мене и не е психолошки лесно, сепак чувствував позитивна енергија. Бев подготвен и на пораз, но најважно ми беше да го испочитуваме тоа што го договоривме. Имавме храброст да почнеме со генерација 96-98, верував во нив. Дел од ракометарите беа оспорувани, а можеби им треба и малку време да се кренат на психолошки план затоа што јас верувам во нив.Момците го испочитуваа тоа во 90%. Одигравме храбро. Јас сум цел живот напаѓач, но сите овие четири дена инсистирав на одбрана. Им беше смешно затоа што јас им велам да играме добра одбрана. Сепак, јас сум напаѓач и играм против квалитетни одбрани и знам што е тоа. Добриот резултат тргнува од одбраните. Среќен сум и горд за мене и цела Македонија затоа што со нас сме имале и лоши и добри моменти. Во моментов сум цврсто на земја, кажав и пред натпреварот дека се појавија двајца играчи кои заслужија да бидат меѓу овие 16, но немаше место. Сега да се наспиеме, да се одмориме и да видиме како ќе се подготвиме за мечот во Данска. Уште еднаш огромна благодарност до јавноста затоа што веруваше во нас. Ова е само почеток и јас знам што е спорт и го знам нашиот македонски менталитет. Најважно е да се пласираме, па за другото ќе размислуваме понатаму“, кажа Лазаров.
Селекторот кажа дека Данска ја анализирале долго време и ги спречиле да го искористат нивното најсилно оружје.
„Ја анализиравме Данска со моите колеги од стручниот штаб, постојано ги следевме и не им дозволивме да трчаат, не им дозволивме да го покажат нивното најсилно оружје. Најважно е да се пласираме на Европското првенство и тоа е олеснување за мене. Не сакам на втори мај да зависиме од Швајцарија. Се надевам дека ќе добиеме уште некој ракометар за да може да одиме на Европско со квалитетни играчи. Не можам да кажам дека одиме таму да ги добиеме, тие се светски прваци. Целта во Данска ќе ни биде да го надоградиме системот кој го почнавме тука, ќе им дадам шанса и на други ракометари за да ги тестирам“, вели македонскиот селектор.