Лазаров: Не е лесно со 42 години да се одигра цел меч, затоа направив – многу грешки!

И покрај денешниот пораз на гостувањето кај Романија (22-24), македонската репрезентација ќе игра во завршната фаза од баражот за пласман на СП 2023 и тоа против Чешка, нешто што донесе задоволство кај селекторот-играч, Кирил Лазаров.

Тој потенцира дека неговите избраниците и покрај неуспехот не одиграле толку лошо, колку што противничкиот селектор поставил добра игра во одбраната.

„Пасквал со ништо не ме изненади, одбраната ми беше позната од Барселона, но и покрај тоа ни беше тешко да поставиме напад. Голема работа е што ја минавме Романија, тоа е сериозна репрезентација со многу сериозен тренер, кој знае што сака. Не бевме ние толку лоши колку што беа тие добри дефанзивно. Треба да направиме анализа што беше добро, што лошо. За три недели нè чека двобој со Чешка. Мислам дека сме на добар пат. Најважно е сега да се мобилизираме бидејќи се работи за Македонија и за спортот број еден во државата, да го одржиме континуитетот и со неколку искусни играчи да ја направиме таа промена на генерации“, вели Лазаров.

Отсуството на неколку ракометари го „примора“ селекторот Лазаров да ги одигра сите 60 минути во Букурешт.

„Немавме алтернатива на мојата позиција и знаев дека ќе го одиграм цел меч. Направив многу грешки, но на 42 години не е лесно да се одиграа шеесет минути. Мечот можеби не беше убав за око натпреварот, но така требаше да одиграме. Некои момци се скаменија поради атмосферата и не беа полетни и расположени, но мора да се држиме на нашиот систем без разлика како е во салата. Најважно, сепак, е пто ја остваривме целта“, дополни Лазаров.